Жителите на планинското село Герман во Ранковце четврти ден се без пристап до општината откако вечерта на 1-ви месецов наврна многу снег. Висината на снежната покривка изнесува околу седумдесет сантиметри.
Надлежните од Јавното претпријатие Македонија пат информираат дека во текот на вчерашниот ден расчистено е до село П’клиште, а од раните утрински часови специјално возило е повторно на терен и се очекува, согласно временските услови, патот денеска конечно да биде пробиен.
-Станува збор за специфична конфигурација на теренот, деновиве интензивно, и по десетина часа се работеше активно за расчистување на овој регионален пат, но соспите што ги навева силниот ветер наместа надминуваат и метар и половина, така што нашите вработени прават натчовечки напори за пробивање на патот и очекуваме, ако времето ни биде наклонето, патот да се расчисти. Години наназад наидуваме на ист проблем и свесни сме дека не можеме ништо против природата, така што, правиме се што е во наша моќ и работиме согласно состојбата на теренот, информираат од ЈП Македонија пат.
Жителите информираат дека имаат потреба од набавка на лекови и намирници. Петнаесетте деца кои учат во основно училиште „Христијан Тодоровски – Карпош”, три дена следеа онлајн настава.
-Во согласност со временските услови се прилагодивме и наставниот процес изминатите три дена за петнаесетте ученици од селото Герман се одвива онлајн. Тие се активно вклучени во наставата, со доделување наставни содржини, а дополнително, ќе се координираме и физички да се одржат часовите, изјави директорката на училиштето Христина Младеновска.