недела, 11. февруари 2024. Вести денес: 0
home Општини

Штипските ученици од одделенска настава ќе носат униформи

Штипските ученици од одделенска настава ќе носат униформи

Учениците од прво до петто одделение во штипските училишта од септември ќе носат униформи. Соња Николовска вработена во Сектор за образование при Општина Штип вели дека општината ќе обезбеди околу 2.200 униформи, согласно со списоците кои училиштата веќе ги доставиле до нив. Единствено, останува да се види конечната бројка на првачиња кои од септември ќе посетуваат настава во основните училишта во Штип.

-На почетокот планираме да се воведат униформи за учениците од прво до петто одделение. Веќе подготовките се при крај, така што списоците коишто ги добивме од основните општински училишта се ажурираат во Одделението за образование, ќе ни требаат уште дополнително податоци за учениците коишто од наредната учебна година ќе бидат запишани во прво одделение. Досега се доставени сите списоци за учениците коишто се од второ до петто одделение, вели Николова.

Од Одделението за образование посочуват дека веќе се координираат околу самата изработка на униформите, која ќе се реализира во соработка со штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ и средното текстилно училиште.

-Исто така веќе се работи на избор на моделот на униформите коишто учениците ќе ги носат. Во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, како и во соработка со СОУ „Димитар Мирасчиев“, значи, стручни кадри, се изработуваат модели коишто ќе бидат соодветни за учениците од прво до петто одделение, односно за униформите коишто ќе бидат наменети за таа возраст, рече Николова.

Забележа дека во минатото кога се носеле униформи во училиштата бил добар пример на унифицираност на учениците.