Претставници на СВР Тетово локалните самоуправи и претпријатијата кои се задолжени за зимско одржување на патиштата ги утврдија обврските за претстојната зимска сезона. Од полицијата потврдија дека станува збор за планирани превентивни и други активности за непречено и безбедно одвивање на сообраќајот во зимски услови.
Од СВР Тетово информираа дека оствариле средби со претставници на локални самоуправи на подрачјето и претпријатија и фирми кои во текот на претстојната зима ќе бидат задолжени за одржување на патиштата и тротоарите и ги запознаа со нивните обврски.
– На состаноците посебно им беше укажано на законските импликации за нередовно и неквалитетно отстранување на снегот од патиштата, велат од СВР Тетово.
Оттаму испратија и апел до возачите со потсетување на обврската која стапува на сила од идната недела, односно возачите дека за една недела, односно од 15-ти овој месец ќе стапи во сила законската обврска за задолжително поседување и носење на зимска опрема.
– Во овој период, согласно Законот за безбедност на патниот сообраќај, возачите ќе треба да поседуваат синџири за снег, соодветни за димензиите на пневматиците на возилото или соодветни зимски пневматици, наведуваат од СВР Тетово.
Оние кои без зимска опрема ќе тргнат на пат ќе се соочат со поднесоци и парична глоба од 45 евра во денарска противвредност и ќе бидат исклучени од сообраќај, особено ако се отежнати условите за движење на возилата.