Спомен соба за доајенот на македонската народна песна, Никола Бадев, беше отворена вечерва во рамките на новиот музеј во Кавадарци, по повод 100-годишнината од неговото раѓање. Директорката на музеј галеријата, Весна Ѓорѓиева за Бадев рече дека е бардот на македонската изворна народна музика, доајен и легенда, амбасадор на македонската изворна народна песна.
-Никола Бадев е исклучителна личност, интерпретатор кој високо ја крена и ја прослави македонската народна песна и со тоа остави неизбришливи траги во македонското културно наследство. Ја обиколи земјата и светот многу пати, беше вистински народен пејач, национално име, имаше сила да возбуди и расплаче со интерпретацијата на македонските песни, вистински мали химни од мерак, љубов, елегија и носталгија, нагласи Ѓорѓиева.
Таа додаде дека чествувањето е реализирано на иницијатива и во соработка на музејот со градоначалникот Митко Јанчев, локалната самоуправа, Домот на културата, пензионерското здружение, најблиските на Бадев.
-Во Спомен собата се презентирани голем број предмети. Педесет фотографии (семејни, од настапи, гостувања и патувања), лични предмети (бројаници, часовник, копчиња за манжетни и слично), инструменти (гитара, примче), лични документи, постери, плочи (сребрена и златна, награди и признанија) видео ленти, касети, камери, фотоапарати, статуи и бисти, народна носија и слично, кои долги години се грижливо чувани и негувани од страна на неговите ќерки Роска и Сузана Бадеви и се донација на Музеј галеријата и нашиот град за што искрено им благодариме, рече Ѓорѓиева, упатувајќи благодарност до сите кои дадоа придонес за отворањето на спомен собата, за која нагласи дека е огледало на неговата душа.
-Горди сме што бил дел од нас и ќе остане и во иднина со нас. Тивко пееше-но далеку се слушаше, додаде таа.
Пред присутните се обратија и Сања Крстиќ како претставник на локална самоуправа, како и ќерката на Бадев, Роска.
Песната е мојот живот, живеам за неа и преку неа, се зборовите на Бадев. –Иако од 1976 година физички веќе не е меѓу нас, Никола Бадев живее преку песната, живее во сеќавањата на неговите современици, живее во срцата на сите љубители на македонската народна песна, беше кажано при отворањето на спомен собата.
Роден бил на 26 октомври 1918 година во селото Глишиќ- Кавадарци. Во 1948 година, веднаш по аудицијата за млади таленти, Бадев дебитирал на програмата на Радио Скопје, со што започнала неговата блескава кариера како уметник и станал една од легендите на интерпретаторите и афирматорите на македонската народна песна.
Репертоарот на Никола Бадев е обемен и разновиден. За музичката продукција на Радио Скопје, односно МРТВ има снимено над 200 песни со најразлични содржини и околу 100 грамофонски плочи за дискографските куќи од поранешна СФРЈ, како и во земјите во кои живеат македонски иселеници.
Со исклучителен сензибилитет ги испеал македонските најлирски песни, пеел по сокаци, на чардаци, пеел за копнежот на вљубените, оживувал ликови, војводи и народни херои, продрел меѓу народот со својот кадифен глас.
Починал во Скопје на 58 годишна возраст.
МИА