Изминаа 100 дена откако ја презедовме локалната власт, останавме на ниво на задачата и ја оправдавме довербата која ни ја даде народот на локалните избори желни за промени, проекти и иднина. Покажавме која е разликата помеѓу ВМРО и СДСМ, како се исполнуваат ветувања. Покажавме домаќинско и отчетно работење, докажавме дека можело да не се расфрлаат народните пари на службени патувања, кафеани, луксузирање и злоупотреба на привилегиите. Туку чесна и одговорна работа кон единствена цел, подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани на Општина Новаци“, истакна градоначалникот на општина Новаци, Стевче Стевановски на регионалниот отчет кој се одржа денес во Битола насловен „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт отчет на ВМРО-ДПМНЕ“.
Стевановски додаде дека претходната локална власт имале расипничко и штетно управување, која освен што не направи ниту еден проект за жителите на општина Новаци, туку напротив остави долгови во висина од 67.111.374,00 денари. Единственото комунално претпријатие Комунална хигиена е во катастрофална состојба, се дави во долгови кои изнесуваат 4.300.000,00 денари.
– Во овие 100 дена работевме на урбанизација, на енергетска ефикасност, на подобрување на условите за работа на училиштата, подобри услови за младите, подобра животна средина, активно се грижиме за културата и нашето културно наследство, појасни Стевановски.
Стевановски посочи дека се креираше транспарентен буџет за 2022 година во висина од 2,6 милиони евра.
– Реализирав две предизборни ветувања од мојата програма во првите 100 дена. Успешно ја спроведовме мерката за субвенции за набавка на високо ефикасни инвертер клима уреди за што одвоивме еден милион денари буџетски средства, а за субвенции за изградба на термоизолациони фасади 3 милиони денари. Јавниот повик е објавен, течат роковите и очекуваме голема заинтересираност од месното население. Од оваа година општина Новаци почна да работи согласно своите овластувања за отуѓување на градежно неизградено земјиште во државна сопственост. Согласно програмата донесена според Законот за градежно земјиште во тековната 2022 година планираме да огласиме на јавна лицитација и отуѓиме околу 20 хектари градежно земјиште на потенцијални инвеститори за различни намени. Имено, најголемите површини ќе бидат наменети за изградба на индустриски капацитети, а останатиот дел ќе бидат наменети за индивидуално домување. Во фаза на изработка е проектна документација за уредување на патна инфрастуктура за Индустриската зона во Новаци, истакна Стевановски.
Стевановски рече дека се организираше и акција за чистење на каналот во горниот дел на Новаци на барање на тамошните жители, се спроведе и акција за пошумување на месноста викана Преслап во атарот на село Маково, се зголеми износот за еднократна парична помош на 6.000 денари за новороденчиња и првачиња, се предвиде и финансиска помош за талентирани ученици и спортисти од Општина Новаци, се набавија и 14 таблети за учениците од четврто одделение од ЦОУ „Славко Лумбарковски“.
– Во делот на соработка со странски донатори и меѓународни организации само во првите 100 дена остварив бројни контакти и веќе започнуваме да реализираме проекти: програмата за Општинско корисна работа на УНДП, проект за Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите од УСАИД, проект за Зајакнување на луѓето од Пелагонија од Програмата МАТРА и Холандска амбасада, проект за Европска ознака за извонредност на управувањето во локалните самоуправи од АЛДА, појасни Стевановски.
Стевановски укажа дека во фаза на подготовка е Урбанистички план вон населено место со кој ќе се уреди Индустриската зона во Новаци со вкупна површина од околу 17 хектари. Оваа градежна сезона инфраструктурно ќе се доведе до состојба за продажба на заинтересираните потенцијални инвеститори.
– Голема е мотивацијата за остварување на проекти за доброто на своите сограѓани, со кои цел живот си живеел заедно. А, уште поголем е поттикот за реализација кога знаеш дека тоа што го работиш ќе остане запаметено, истакна Стевановски.