Целосно е исчистена дивата депонија во атарот на село Новаци кон патот Ергела. Градоначалник на општина Новаци, Стевче Стевановски направи увид како тече акцијата на чистење на натрупаното ѓубре и градежен шут кој тука беше одлаган и натрупан на диво.
„Екипа од комуналното претпријатие „Комунална хигиена“ Новаци со градежна механизација започнавме со отстранување на одложениот смет и градежен шут кој во огромни количини постоеше и беше натрупан на дивата депонија во Новаци кон патот Ергела. Сите подеднакво треба да се грижиме за чиста и здрава еколошка средина. Ние како локална самоуправа ќе направиме се што е во наша моќ и надлежност за да имаме нулта толеранција кон дивите депонии, но секако дека тука треба да ги повикаме и населението и нивната свесност за одговорно однесување кон животната средина. Со вакви акции најпрво ги мапираме а секако дека ќе организираме и ќе ги исчистиме сите 7 критични точки кои се наоѓаат на наша територија.“ рече Стевче Стевановски, градоначалник на општина Новаци.
Во наредниот период работата на комуналното претпријатие ќе се интензивира покрај со расчистување на депониите и со чистење на вегетацијата по коловозите, чистење на речните корита и одводните канали како и одржување на хигиената на јавните површини во општината. Одржувањето на хигиената во општина Новаци е наш приоритет, бидејќи граѓаните заслужуваат да живеат во една чиста и здрава средина“, изјави Стевановски. Воедно упати апел до жителите за одговорно однесување кон животната средина за сите да ги уживаме благодетите на чиста природа, воздух и околина, објави на својата Фејсбук страница градоначалникот на општина Новаци Стевче Стевановски.