Во денешната емисија „За или против“ на Алфа ТВ гостуваше градоначалникот на општина Новаци, Стевче Стевановски кој што истакна дека македонските села може да се заживеат, а општина Новаци има потенцијал и вложува многу за да привлече инвеститори кои ќе можат да инвестираат во руралниот туризам особено во мариовскиот дел.
„Општината има потенцијали, веќе имаме заинтересирани кои што смело навлегуваат да инвестираат во насока на привлекување на ваков тип на рурален туризам. Меѓутоа можеби државата можеби повисоките ешалони на власта треба да се заинтересираат посериозно за оваа проблематика. Еве сега излегоа повиците на ИПАРД програмите можеби треба да се олеснат некои од мерките со кои што би се овозможило на овие луѓе да можат да инвестираат во оваа насока да ги искористат мерките, а ние како општина да бидеме оние кои што ќе им дадеме мотив за да го избрендираме изрекламираме нашиот крај и нашите потенцијални инвеститори кои што сакаат да се занимаваат со алтернативен начин ан туризам“, нагласи Стевановски.
Стевановски додаде и дека постои тенденција кај населението во мариовскиот дел за развој на алтернативното земјоделство и руралниот туризам.
„Во мариовскиот дел од селата имаме тенденција каде што имаме добар дел од населението каде што веќе се насочени кон алтернативното земјоделско производство, производство на здрава храна, пчеларството итн., но тука треба да се насочиме сите ние за да можеме дополнително да ги мотивираме“, посочи Стевановски.