Кандидатот за градоначалник на Општина Неготино од ВМРО-ДПМНЕ, Горан Стојанов во своето обраќање до граѓаните пред да ја донесат одлуката за локалните избори истакна дека секоја стисната рака, секој искрен поглед, секоја нивна критика и совет се негова дополнителна мотивација за подобро Неготино.
-Нашите деца се секое отчукување на нашите срца, за нив мораме да се бориме до последен здив. Мораме да изградиме подобар живот и подобра иднина за нив. Нашите родители, нашата потпора во животот се оние на кои мораме да им гарантираме спокојна старост. Ова е битката која мораме да ја извојуваме, ова е решавачката битка за нашето родно место. Пред Вас заедно со мојот тим гарантирам дека во Неготино ќе се живее подобро. Веќе ги знаете моите проекти за кои се обврзувам како искрен човек каков што ме знаете. Сега, Ве повикувам и Ве охрабрувам да ја донесете правилната одлука, да излезете достоинствено и самостојно да гласате по свој избор и да ја донесете вистинската одлука. Не подлегнувајте на уцени, лаги, закани, притисоци и манипулации, кога веќе го знаете нивното владеење, истакна Стојанов.
Посочува дека неговото родно Неготино го сака колку и својот дом, затоа вели ќе се грижи домаќински за општината, за секое населено место.
-Ве гледам во очи и ја барам вашата поддршка, да си помогнеме заедно и да ја создадеме нашата иднина. Се обврзувам и гарантирам дека ќе бидам градоначалник на сите Вас, без разлика на вашето политичко убедување, возраст, финансиска состојба, националност или занимање. На 17-ти октомври да заокружиме број 7 за Градоначалник, број 7 за Советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за „Обнова на Македонија“, нагласува Стојанов.