Денес сме овде да извршиме мала презентација на дел од проектите, проекти кои се веќе сондирани и граѓаните очекуваат да бидат реализирани. Станува збор за првиот проект, јавна и транспарентна општинска самоуправа без дискриминација. Општина Делчево ќе биде отворена општина за сите луѓе. Нема веќе да држиме одредени граѓани изолирани од општинската администрација, ќе ги отклучиме заклучените врати на општинската администрација а долгите листи на чекање за состанок со службените лица ќе станат минато. Достапноста на секое службено лице на граѓаните на општина Делчево ќе биде на највисоко ниво, истовремено, општина Делчево ќе биде отворена за целокупната македонска јавност како и сите заинтересирани медиуми а особено внимание ќе насочиме кој јавна и транспарентна на единиците за локална самоуправа, изјави денеска за медиумите, Николчо Стојменовски, кандидат за градоначалник на Општина Делчево на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој истакна дека задолжително ќе воведат јавен и транспарентен систем за менаџирање на јавните буџетски пари и дека ќе овозможат јавен и транспарентен систем за верификација на успешноста на работата на службените лица.
– Во постојана и интензивна комуникација со бизнис секторот ќе обезбедиме стабилен и долгорочен стратешки развој на општината Делчево. Вториот проект кој сакам да го презентирам денеска, е развој на туристичкиот локалитет Голак. Во наредните 4 години Голак ќе биде вратен од заборавот. Полека ќе почнеме да го враќаме сјајот на планината, но сега со нови проекти и нови идеи за негово развивање.
Ќе направиме реконструкција и ќе го вратиме во функција детското одморалиште на планината Голак. Паралелно, ќе изработиме студија за водоснабдување на Голак, проекти за инфраструктура за водоснабдувањето за туристичкиот локалитет Голак и ќе разработиме основен проект за водоснабдување на Голак. Документација која е неопходна ќе започне со посериозни инвестиции, објасни Стојменовски.
Кандидатот посочи и дека ќе ги реконструира и постојните каптажи на планината Голак и водоводните цевки за вода за пиење во туристичката населба Голак.
– Паралелно со сето тоа, ќе го регулираме и имотно – правниот однос со градежните парцели од ДУП-от Голак и ставање на располагање на сите на сите заинтересирани инвеститори, додаде тој.