Желбата за работа, мотивот за подобро утре и просперитет на делчевчани се составен дел од визијата за моето родно Делчево која во следниот период ќе ја презентирам пред граѓаните. Во ова, за сите нас многу важно предизборие, заеднички одлучуваме за иднината на Делчево. Она за што лично ќе се заложам и она на што целосно ќе се посветам откако ќе ја добијам довербата на граѓаните, се проектите кои ќе донесат развој, домаќинско работење, транспарентно и рационално трошење на буџетот на општина Делчево, истакнува Николчо Стојменовски, кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение следува интегрален текст од неговата прес-конференција:
Како доктор по ветеринарна медицина постојано сум на терен, помеѓу различни групи на граѓани и имав можност да се запознам со нивните проблеми, но исто така имав можност и да ги слушнам нивните предлози за решавање на истите. Сето тоа го преточивме во конкретни проекти од кои е создадена програмата која граѓаните ќе имаат можност да ја поддржат на овие избори.
За разлика од претходните четири години се случува партиски вработувања во општинската администрација, како и тотална незаинтересираност за решавање на реалните проблеми на граѓаните, имам искрена и јасна визија во наредните четири години Делчево да стане општина во која секое семејство ќе има квалитетна вода за пиење. Решен сум до секој дом да донесам квалитетна и модерна сообраќајница за нормален живот за сите! Делчево да биде препознатлива и посакувана туристичка дестинација. Знам како да обезбедиме подобра животна средина преку нула толеранција за отпадот и лошиот амбиентален воздух. Ќе ја ослободам локалната самоуправа од дискриминација затоа што таа треба да биде сервис на сите граѓани. Граѓанскиот сектор и бизнис заедницата ќе ја имаат целокупната моја поддршка, заедно да обезбедиме стандард на граѓаните кои навистина го заслужуваат.
Во продолжение ќе набројам само мал дел од позначајните проекти, Делчево ќе го промениме на подобро, на ниво на модерна македонска општина:
Ќе го промениме неуреденото централно градско подрачје на реката Брегалница ќе го уредиме просторот во модерен урбан центар кој ќе биде средиште на идниот севкупен развој на општината Делчево. Ќе го уредиме коритото на река Брегалница, ќе ги изградиме главните улици и тротоари во централното градско подрачје, со соодветни места за паркинг.
Сите села по приоритет ќе добијат основните услови за нормален живот: водовод, канализација и улици.
Секое село во Делчево да биде своевидна рурална развојна зона, во која земјоделците ќе можат да обезбедат подобра живеачка за себе и своите семејства, а нашите пазари ќе добијат квалитетен делчевски земјоделски производ.
Досега многумина ветуваа воскреснување на нашата планинска убавица Голак. Конечно е дојдено времето заедно со мојот млад и посветен тим да го оствариме сонот Голак да стане главна туристичка атракција, сето тоа во интерес на целокупниот локален економски развој на Делчево.
Воедно со интензивна урбанизација преку ревизија на постојаните и изработка на нови урбанистички планови ќе обезбедиме основи за идниот децениски развој на Делчево.
Делчево ќе го сврти вниманието на домашната и меѓународна јавност со капиталните инвестиции во адреналинските спортови за нашите велосипедисти, планинари, моторџии и рели возачи.
Конечно Делчево ќе добие нормален превоз како на локално ниво така и во меѓуградски сообраќај.
Имаме проекти за секоја населба, за секое населено место во Делчево кои ги ветуваме и за разлика од гарнитурата во заминување, истите ќе ги реализираме! Во периодот на претстојната кампања, предизборната програма ќе ја донесеме во секој дом во Делчево, за сите делчевчани да можат внимателно да ја следат реализацијата на проектите кои во наредните четири години во целост ќе го променат животот во Делчево на подобро.