понеделник, 25. декември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Светскиот ден на книгата одбележан во Делчево

Светскиот ден на книгата одбележан во Делчево

Фотографии, оригинални документи и изјави од првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов-Ченто ќе се најдат во печатена публикација во вид на фотомонографија, поддржана од Министерството за култура.

Ова денеска го изјави авторот на изложбата „Ченто-биографија низ фотографија“, историчарот Рубинчо Белчески, кој по повод Светскиот ден на книгата ја отвори изложбата во Делчево. Настанот беше во организација на општина Делчево и ЈЛБ „Илинден“

– Станува збор за 250 фотографии, 12 документи, 12 изјави и делови од говори на Ченто кои ќе бидат поместени во публикацијата со хронологија на животот на Ченто. Желба ми беше и јас да дадам свој придонес во расветлувањето, а пред се во презентирањето на ликот и делото на Ченто создавајќи едно дело, но со поинаква содржина од досегашните напишани дела за него. Истражувајќи за Ченто, дојдов до извонредно богат и броен материјал од секаков вид. Дел од него го имате на увид преку оваа изложба, а останатиот во форма на фотографии, во најскоро време ќе биде достапен на пошироката јавност, истакна Белчески.

Тој информира дека изложбата „Ченто-биографија низ фотографија“ содржи хронолошки подредени фотографии, собрани на едно место. Поддршка за реализација на оваа историска изложба дадоа Министерството за култура и Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј-Прилеп.

Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на книгата, ЈЛБ „Илинден“ првпат во печатено издание ги собра литературните творби од младите автори, ученици од делчевските основни училишта кои се натпреваруваат со свои литературни творби на конкурсот „Книгата мојот тивок другар“. Во книгата се опфатени 30 млади автори кои создале 31 литературна творба од кои 9 проза и 22 поезија. Книгата е печатена во печатницата УНИСТАР од Велес во 100 примероци.

Во Делчево беа доделени и наградените автори од годинашниот конкурс „Книгата-мост помеѓу зборот и читателот“, како и награди на најверните читатели на делчевската библиотека.