„Јас внимавам и безбедно возам“ е мотото на денешните превентивно-едукативни активности на подрачјето на СВР Тетово кои беa спроведени од заедничките носители МВР, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност-Скопје.
На неколку пунктови во Тетово и Гостивар, на велосипедисти, мотоциклисти и возачи на електрични тротинети, полициски службеници им делеа пригодни летоци изработени на македонски и албански јазик, како и маички со едукативни информации и совети за нивно безбедно учество во сообраќајот.
-Во рамките на денешните активности иницирани и координирани од Отсекот за превенција под мотото „Јас внимавам и безбедно возам”, оваа категорија учесници во сообраќајот поблиску беа запознати со потребата од внимателно и безбедно возење, за користење заштитна кацига и за доследно почитување на сите правила и прописи. На мотоциклистите посебно им беше укажано да ја прилагодуваат брзината, да не консумираат алкохол и секогаш да им даваат предност на пешаците, но и навреме да ги регистрираат мотоциклите, да не седнуваат зад управувачот без положен возачки испит и валидна возачка дозвола, меѓутоа и да обрнат внимание на бучавоста, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Според портпаролот овие активности се очекува да придонесат за поголема безбедност на патиштата и во Полошкиот регион, каде деновиве значително е зголемен бројот на велосипедисти, мотоциклисти и возачи на електрични тротинети.