четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Тетовските пензионери третпат протестираат на градски улици и го блокираа сообраќајот

Тетовските пензионери третпат протестираат на градски улици и го блокираа сообраќајот
МИА

Тетовските пензионери денеска трет пат протестираа и половина час го блокираа сообраќајот на влезот во градот на крстосниците кај булеварите „Маршал Тито“ и „Видое Смилевски-Бато“.

На протестот тие ги истакнаа повторно барањата за повисоки минимални пензии и линеарно зголемување на износите.

Од тетовскиот иницијативен одбор се револтирани од, како што велат, притисоцитеврз нив дека се политички мотивирани. Летка Мишовска нагласи дека тоа не е така, а протестите се организираат затоа што ниските пензии се проблем за пензионерите да се прехранат.

– Во продавница кога влегуваме не нè прашуваат од која партија сме. Нас не нè интересира партија. Која било партија да е на власт треба да го реши проблемот со пензионерите. Меѓу пензионерите можеби од сите партии може има луѓе, јас не можам да ги прашувам, тоа е нивно право. Но има од сите националности. Најниска пензија е 10 илјади денари со редовен работен однос, тоа е жалосно. Сопругот мој е исто така деет години работел, а не му плаќале стаж и има 13 илјади пензија. Уште толку има што не можат да излезат некои се болни, деца чуваат, но сите даваат поддршка, изјави Летка Мишовска од тетовскиот иницијативен одбор.

Пред присутните пензионери се обрати и Драган Угриновски од републичкиот иницијативен одбор „Пензионери за достоен живот“. Тој порача дека дошол да даде поддршка на градот Тетово и да се покаже дека нема да се отстапи од барањата. Според него, во Тетово е карактеристично и добро што протестираат од сите националности и тоа е доказ дека нема никаква политика.

– Тука е политиката на пензионерите, ги врзува сите гладот и нашите барања се да имаат пензионерите подостоинствен живот како што заслужуваат, бидејќи го граделе ова општество 40 години и повеќе, а денес се соочуваат со тоа да преживуваат. Иако министерката Тренческа нема слух, таа работна група не е излезена да каже какви пакети на мерки се преземени, и покрај тоа што ние баравме да бидеме вклучени со најмалку два члена во работата на таа група, не е дозволено, се работи зад затворени врати и сè уште нема никакво известување што имаат договорено. Со тоа докажуваат дека со политички работи сакаат да купа време и чекаат да го забетонираат сето ова и мислат дека ние ќе се откажеме. Ние нема да се откажеме ние сме како старо дрво кое има длабоки корења, кое не може никој да ги турне. На кондиција нема да не добијат, порача Драган Угриновски.

Стотината пензионери потоа со транспаренти во раце маршираа низ булеварот „Маршал Тито“ до крстосницата со булеварот „Благоја Тоска.

ФОТО: МИА