После поразот на СДСМ во Битола на последните избори, власта никако да сфати дека за падот на рејтингот криви се самите тие поради нивното неработење, а не нивните неистомисленици од каде што најчесто доаѓаат критиките, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ОК Битола, Иванчо Тошевски.
-После одржаниот прес на Комисијата за здравство при ОК ВМРО ДПМНЕ Битола на 19.05.2019, директорот на Клиничка болница Битола Зоран Лазаров дел од присутните на пресконференцијата лекари и сестри ги разрешува од раководни позиции или им ги менува работните места. Променети се: од началник на одделението за максилофацијална хирургија после 8 годишно раководно искуство и 18 годишно искуство како специјалист по максилофацијална хирургија Зоран Буџевски, од одговорен на оддел во одделението за гинекологија разрешен е Иванчо Василевски- специјалист по Гинекологија со 23 годишно искуство, променети им се работните места и на двете медицински сестри Билјана Гареска и Валентина Милошевска.
Директоре уште еднаш ве повикувам да и одговорите на јавноста до каде е ставањето во функција на акцелераторот, ангиографот, гама камерата на нуклеарна медицина, кабинетот за инсеминација и до каде се 100.000 денари плата за лекарите специјалисти?, запраша Тошевски и додаде:
„Г-не Лазаров, бараме под итно после пропуштените повеќе од две години сериозно да се посветите на водењето на институцијата која е една од најзначајните во целиот регион, а не да правите хајка против неистомислениците само поради тоа што ја зборуваат вистината. Бараме да го преиспитате вашиот однос кон вработените затоа што се ваши колеги, наши граѓани и луѓе кои ние битолчани исклучително ги почитуваме и им се обраќаме кога е потребно“.