Поради дефект на водоводната мрежа, денеска жителите од неколку населени места во Делчево ќе бидат лишени од вода за пиење. Како што информираше Стојче Стојковски, директор на Јавното претпријатие за комунална дејност „Брегалница“, екипи на претпријатието се веќе на терен и работат на отстранување на дефектот.
– Денеска, во текот на денот, без вода за пиење во Делчево ќе бидат жителите на село Полето како и населбите Први, Втори и Трети реон. Екипите на ЈПКД работат на лоцирање на дефектот. Дефектот според првичните информации е од помал обем и неговото отстранување би требало да заврши во текот на денот, вели Стојковски.
Додаде дека поради настанатиот проблем на водоводната мрежа, најпогодени ќе бидат жителите кои живеат во повисоките делови од споменатите населби.
Од претпријатието наведуваат дека на оние места во населбите Први, Втори и Трети реон, каде се уште има вода, нема да може да се користи за пиење, се до решавање на проблемот. Откако ќе биде отстранет дефектот од претпријатието најавуваат нејзино хлорирање, со што истата повторно ќе може да се користи за пиење.