На 26.04.2019-та година околу 11:30 минути во полициската станица во Нов Дојран е пријавена кражба на четири бисти од познати македонски дејци поставени во Градскиот парк во Стар Дојран веднаш до општинската зграда. Увид на лице место е извршено од службени лица од полициската станица Нов Дојран и Гевгелија, составен е записник од нивна страна и направени се фотографии од местото на кражбата – информираат од општина Дојран, пренесува порталот 24Дојран.
Оттаму известуваат дека истрагата за кражбата од страна на МВР е во тек и се надеваат на брзо пронаоѓање на сторителите и нивно соодветно санкционирање.
Инаку, во Градскиот парк во Стар Дојран стоеја спомен – бистите на Теодосиј Синаитски, Антон Панов, Христофор Жефаровиќ и Ѓорги Абаџиев, кои се значајни за општина Дојран.
Од општината велат дека очекуваат истите набрзо повторно да се најдат каде што и припаѓаат.