Како наближува традиционалниот датум на оддржување деновите пред Св. Васиља ( Стара Нова година) така и полека но сигурно се спремаме за супер доживување на овогодинешното издание на карневалот. Подготовките се во финална фаза, маските се спремни, или што би рекле вевчанци, СУРАТИТЕ.
Традицијата стара векови и милениуми продолжува и оваа година, исто како во исконските времиња кога Василичарите од горна и долна маала, покрај традиционалните маски на Глупи Август, Зетот и Невестата и Ѓаволите, во дефилето ги исмеваат и актуелните политички случувања, низ звуците на зурли и тапани и со тоа ги бркаат лошите духови, односно злото, за да ја пречекаме Новата година прочистени и среќни.
Карневалот започнува уште од утрото на 13-ти, кога во Василичарските конаци почнуваат да се собираат Василичарите и музичарите, околу пладне сите маскирани одат на влезот на Вевчани, и од тука започнува Василичарското дефиле, односно околу 14:30 часот, поворката почнува да се движи нагоре кон центарот на Вевчани.
Поворката ја водат маскираните во Глупи Август и Ѓавол, тие со специфичните движења и крици прават ред и место за Василичарите, по нив следат музичарите, зетот и невестата, а потоа сите василичари. После Василичарското дефиле, зетот и невестата од Горна и Долна Маала ги посетуваат сите домови во Вевчани, посакуваат здравје и бериќет во новата (СУРВА) година, а домаќините ги даруваат. Дарувањето во минатото било со луканци, леб и пари.
Целата вест и повеќе за програмата, прочитајте на порталот ВИСТИНА