Наташа Петровска уште еднаш покажа дека нема намера и не сака да се справи со проблемите во образованието, ова денеска преку прес-конференција го истакна Марина Стефановска- Јованчева, член на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Битола.
-Своето неработење и фактот што нема вложено ниту денар од буџетот на општина Битола во училиштата, таа лицемерно и крајно безобразно се обидува да го покрие фалејќи се и сликајќи се со туѓи донации. Наташа Петровска,без ни трошка срам имаше лице да се појави и да се слика со донацијата во ОУ„ Климент Охридски“, која ја претстави како заедничка донација на Општината, Рек Битола и родителите, но всушност вистината е следна: Од вкупната донација која беше не повеќе од 55.000 денари, дури 80% е донација од родителите, која ги опфаќа тоалетите и вратите во училишната сала. Општина Битола беше донатор единствено на 2-3 лавабоа и неколку сифони , додека Рек Битола направи промена само на неколку сијалици за рефлектори. А,додека претходно,една година пред доаѓањето на Петровска на местото Градоначалник, беа променети рефлекторите,променети беа армираните стакла,комплетно беше реконструиран кровот и салата беше целосно бојадисана. Но,никаква лента не беше сечена од страна на Градоначалникот,затоа што тоа се редовни обврски на директорот и општината, потенцира Стефановска- Јованчева.
Таа додава дека, ова не и е прв пат на Градоначалничката, таа истото го направи и со грантот од Јапонска амбасада кој беше целосно обезбеден уште во 2017 година од страна на претходната Директорка на ова училиште, но Наташа не ја пропушти приликата да се слика со Јапонската Амбасадорка и да ги земе сите заслуги за овие средства,иако претходно како советник во Советот на Општина Битола беше најголем противник на решавање на проблемите со донации.
-Иако капиталните инвестиции во училиштата како и решавањето на проблемите со училишниот превоз и беа едни од најприоритетни проекти во предизборната кампања, откако седна во удобната градоначалничка фотеља во Општина Битола, Петровска сосема заборави што ветувала. Капиталните расходи за реконструкција на училиштата се само по основ на донации. Бараме, Петровска да се потсети на она што го зборуваше како советник од опозиција и на своите предизборни ветувања и конечно да започне да ги остварува, вели Стефановска- Јованчева.