Пипците на злото наречено СДСМ уништија се’ што допреа и ги разорија сите свери на општественото живеење, ова денеска преку соопштение до јавноста го истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ ОК Прилеп.
-После две години владеење на централно и локално ниво, не само што не изградија ништо, не само што не исполнија ниту ронка од ветениот живот за Македонија, туку и го урнисаа она што во последно време е национална гордост, а тоа е спортот. Неспособноста на локалната самоуправа и градоначалникот Илија Јованоски, резултираше со два второлигаши во наредната спортска сезона. Фудбалскиот клуб Победа и ракометниот клуб Прилеп, од наесен ќе настапуваат во понизок ранг на натпреварување, иако се ветуваше создавање на европски клубови, со европски буџет и европски услови за работа. Жално, но вистинито, клубовите кои живот значат за Прилеп и прилепчани, се доведени во катастрофална состојба, а властите како и за се друго мува не ги лази. Излегоа на површина лажните ветувања за враќање на епитетот најспортски град во државата, за изградба на спортска сала во ОУ “Кире Гаврилоски”, за реновирање на спортската сала “Македонија”, реновирање на поранешната Соколана и повеќе пари за спортските клубови, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ ОК Прилеп.
Од партијата додаават дека градоначалникот ветуваше и реновирање и пуштање во употреба на Универзалната сала, изградба на спортска сала во ОУ “Koчо Рацин”, спортско рекреативен центар кај вештачкото езеро, како и формирање на Совет за спорт во Прилеп.
-Ова се само дел од големите лаги и доказ за неспособноста на оваа локална власт која нема разбирање и почит кон спортот и спортската традиција на градот. Потсетуваме дека во време кога локалната власт ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ, ФК Победа после долги години се врати во Првата фудбалска лига, а РК Прилеп играше во европскиот Челинџ Куп. Благодарение на овие успеси и бодувањето кое клубовите го имаа во изминатите години, деновиве Победа доби ваучер од Агенцијата за млади и спорт во висина од околу 54.000 евра, а за РК Прилеп се издвоени 109.000 евра. За жал, овие средсва клубовите ќе ги трошат во Втора лига, каде ќе се натпреваруваат со клубови од аматерски ранг. Ова е уште една во низата капитулации на оваа власт која освен полнење на своите џебови, вработување на своите роднини и пријатели и партиски реваншизам не покажа ништо друго, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ ОК Прилеп.