сабота, 11. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

ВМРО-ДПМНЕ Штип: Се намалија расходите за капитални инвестиции, а најголем удар беше зададен на здравството

ВМРО-ДПМНЕ Штип: Се намалија расходите за капитални инвестиции, а најголем удар беше зададен на здравството

Воопшто не е случајно тоа што ребалансот на буџетот помина далеку од очите на јавноста, во екот на предавничката промена на името. На вечерна седница на Владата на Република Македонија се намалија расходите за капитални инвестиции, а најголем удар беше зададен на здравството, вели Љубе Здравков од ВМРО-ДПМНЕ Штип.

-Во првата половина од годината, реализацијата на капиталните инвестиции беше само 11%, Владата ветуваше раст во втората половина, но тој процент не се зголемува и кон крајот на 2018 година. Секојдневно се уверуваме во неспособноста на моменталната власт и нејзиниот мал капацитет за завршување на почнатите капитални инвестиции во нашиот град. Иако неколкупати и’ посочувавме на власта да го зголеми интензитетот на градба на Клиничката болница во Штип, сепак ниту наидовме на слух, ниту имаше интерес да се забрза работата. Најголемиот апсурд настана минатата недела кога се намалија средствата за изградба на болницата. И колку и да звучи неверојатно, и како наизуст повторувано обвинување на опозицијата, за жал е вистинито, рече тој.

Здравков потенцира дека негрижата на пациентите од Источниот регион се отсликува во прекроениот Буџет на Владата.

-На почетокот од годината имаше средства за доградба на Клиничката болница, но на крајот истите средства беа насочени кон педесетина партиски вработувања. Замислете, СДСМ за граѓаните од Источниот регион вака ја крои политиката – пари за болница нема, но пари за партиски вработувања секогаш има! И додека болните од истокот лежат на дотрајани кревети, во несоодветни болнички услови и се судираат со недостаток на медицински материјал, кој пречесто го набавуваат и самите, Владата реши да скрати дури 600.000 евра за изградба на нова и современа болница. Во моментов, работата на болницата е стопирана и никој од власта не се осудува да се соочи со граѓаните и да даде одговор зошто е тоа така и кога се очекува рестартирање на градежните активности.  Затоа, ВМРО-ДПМНЕ како одговорна и будна опозиција, ги повикува Државниот секретар во Министерството за здравство и самиот Министер за здравство да им образложат на граѓаните: Како е можно да се обезбедат 1,5 милиони евра за набавка на лубриканти и пари за 50 партиски вработувања, а парите предвидени за градбата на новата болница во Штип да исчезнат со ребалансот на буџетот за 2018 година, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ Штип.