Градежните парцели во индустриска зона во Општина Карбиници, на потегот меѓу селата Долни Балван и Таринци е распродадени уште пред три години, но од инвеститорите ретко некој извадил дозвола за градба или е во фаза на градење.
Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов вели дека периодот да се извади дозвола за градба е поминат, а голем дел од потенцијалните инвеститори треба да плаќаат казнени пенали. Општината веќе им пратила по една опомена и за неисплатени пенали. Ако не се одговори по три последователни опомени тогаш општината може да им врати 20% од сумата на инвеститорите, парцелите да ги врати во сопственост на општината и повторно да ги продава. Паунов се надева дека до ваква ситуација нема да дојде и конечно ќе почне да се градат стопански капацитети во зоната.
-Индустриската зона во Општина Карбинци, која е меѓу потегот од село Долни Балаван до село Таринци е распродадена до крајот на 2020 година, тоа е пред моето доаѓање, ама од тогаш до денес само неколку од тие потенцијални инвеститори имаат извадено одобрение за градба или се во фаза на градење. Сите други кои купиле плацови веќе ги надминале роковите за аплицирање за градба, и веќе се обврзани да плаќаат казнени пенали за самото тоа, вели Паунов.
Посочува дека просторот е предвиден за лесна и незагадувачка индустрија. Општината лани асфалтираше две улици во оваа индустриска зона, изградени се тротоари, како и атмосферска канализација. Во реализација на проектот беа инвестирани девет милиони денари од буџетот на Општина Карбинци.