петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Во недела избори во Центар Жупа: Повторно ќе се бира градоначалник

Во недела избори во Центар Жупа: Повторно ќе се бира градоначалник

Во недела во Центар Жупа ќе бидат спроведени повторени избори за градоначалник, но без дијаспората изгледа тешко дека ќе се обезбеди потребниот цензус од 33,3 отсто од вкупно запишаните гласачи во единствениот избирачки список.

Свесни за овој факт, бидејќи над 60 отсто од жителите на Жупа се во некоја од западноевропските земји, но главно во северниот дел на Италија, за да може да го остварат правото на глас обезбеден е бесплатен превоз, за што на социјалните мрежи објавено е известие за тоа.

-Почитувани граѓани сакаме да ве известиме, дека сите кои сте заинтересирани за доброто на нашата општина Центар Жупа, дека имаме организиран превоз за секој што би сакал да дојде и да го оствари своето право на глас, стои во објавата.

За таа цел се наведени телефонски броеви за контакт во градовите Басано, Тренто, Римини, Равена, Мјештре и Верона.

Превозот го обезбедуваат бизнисмени во Италија по потекло од Жупа.

Во единствениот избирачки список запишани се 7.077 лица, што е за 240 гласачи помалку споредено со локалните избори од октомври минатата година, кога правото на глас го остварија 25,77 отсто.

Во трката за градоначалничката функција, како и во октомври се Шаин Шаќир, од партијата Движење за национално единство на Турците, кој е под број еден и Аријан Ибраим, од Турската демократска партија, кој е под број два во гласачкото ливче, а довербата на граѓаните ја бара по третпат. Тогаш Ибраим освои 1.342 гласа или околу 72 отсто, додека Шаќир 482 гласа или 26 отсто од гласовите.