Во Росоман се реализира меѓуграничен проект вреден 15 милиони денари. Како што информираше градоначалникот Бранко Јанев, се работи за ИПА проект кој општината го спроведува во соработка со Фондацијата “Тиквешки вински пат” од Кавадарци, за реконструкција на старото училиште. Инвестицијата вреди околу 15 милиони денари, а е плод на прекуграничната соработка со Грција. Со отварање на Мултимедијален центар за храна, вино и туризам, ќе започне развојот на руралниот туризам во Росоманско.
Јанев соопшти дека локалната самоуправа Росоман деновиве влегува во реализација на предвидените инфраструктурни активности, изградба и реконструкција на патишта и улици во општината. Тој соопшти дека за почеток, за овие активности се предвидени околу три милиони денари сопствени средства, а ќе се изградат неколку улици во скоро сите населени места. Некои од нив со асфалтирање, а други со поставување бекатон плочки. Ќе се интервенира на улиците „Цандо Кузманов“ и „Пере Тошев“, но и во селата Трстеник, Сирково, Манастирец и Дебриште.
– Истовремено, покрај тие средства, во соработка со Вардарски плански регион, а преку Бирото за регионален развој, имаме на располагање други скоро три милиони денари за реализација на крак од атмосферска канализација во Росоман, два милиона за дозавршување на одамна започнатиот локален пат од Камен Дол до Мрзен. Преку Бирото за регионален развој обезбедивме средства за изработка на планска документација, без која не може да се аплицира за достапни средства, во висина од околу 500 илјади денари, рече градоначалникот. Овие пари ќе бидат искористени за изработка и реализација на проекти од инфраструктурен карактер, изградба на канализации и водовод, рече градоначалникот.
Исто така, преку Министерството за животна средина биле аплицирани и добиени уште триста илјади денари, за изработка на проектна документација за еден од најпроблематичните делови во Росоман, одводнување на таканаречениот дел “бавчи”.
(Миа)