среда, 22. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Водата се повлекува од поплавеното подрачје во Босилово, општината ќе им помогне на поплавените

Водата се повлекува од поплавеното подрачје во Босилово, општината ќе им помогне на поплавените

Водата полека се повлекува од триесетината објекти и голема површина земјиште кои од вчера се под вода на влезот во селото Турново, во општина Босилово.

Таму се излеаја реките Струмица и Турија, а водата навлезе во повеќе објекти. Целосно се поплавени фудбалскиот терен, соблекувалните и спортската сала на ФК „Турново“, објектот на Ветеринарната станица и дваесетина куќи и помошни објекти.

Од ФК „Турново“ информираа дека е направен испуст за истекување на водата во реката Турија и очекуваат во наредните денови, доколку нема нови врнежи, таа да истече од поплавените објекти.

– Поднесовме барање до Општина Босилово за утврдување на штетата, а ќе поднесеме и барања за помош до ФФМ и Агенцијата за млади и спорт. Според нашите првични проценки штетата е над 50 илјади евра, но поголема е штетата што нашите фудбалери и 120 деца од помладите категории не можат да тренираат, велат од ФК „Турново“.

Градоначалникот на Босилово, Ристо Манчев вели дека состојбата со поплавите полека се нормализира и дека Општината презема се што е во нејзини ингеренции да им се помогне на поплавените.

Инаку, влезот во селото Турново со години се поплавува при обилни врнежи и излевање на реката Струмица. Жителите велат дека многу пати досега барале да се реши овој проблем, но досега ништо не било преземено.