Во Општина Дебар, каде денеска се спроведува втор круг од изборите за градоначалник, гласачките места се отворени навреме и гласањето се одвива непречено.
– Гласачките места се отворени во седум часот. Гласањето во Општина Дебар се спроведува во 27 гласачки места, од кои 22 се во градот, две во село Могорче и по едно во селата Џепиште, Горно и Долно Косоврасти. Во единствениот избирачки список се запишани 19.211 лица, а во првиот круг гласаа околу 42 отсто, изјави претседателот на Општинската изборна комисија – Дебар, Рилинд Хаса.
Вчера, додава тој, своето граѓанско право на глас го остварија 60 болни и изнемоштени лица.
Дебар е единствена општина во земјава, каде денеска се спроведува втор круг на локалните избори.
Во првиот круг ниту еден од кандидатите не го обезбеди потребниот цензус за победа, а на 31 октомври беше повторено гласањето во едно гласачко место.