Есенската сеидба во поширокиот кумановски регион започна, но се одвива отежнато поради недоволната влажност на почвата, информираа стручните служби од подрачната единица на Министерството за земјоделство, водостопнаство и шумарство. Оттаму појаснуваат дека најавените врнежи од дожд ќе ја подобрат влажноста на почвата и ќе овозможат полесна обработка на земјоделските површини.
На подрачјето на трите општини Куманово, Липково и Старо Нагоричане со есенска сеидба, стручните очекуваат да бидат опфатени 19.260 хектари, од кои 3.660 ќе сеат земјоделските претпријатија, а 15. 600 хектари земјоделците од трите општини. Во овој регион најчесто се сеат пченица и јачмен.
Раководителот на подрачната единица на МЗШВ Куманово, Насер Даути ги повика производителите на млеко да поднесат барање за добивање на субвенции за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко. Висината на поддршката, информираше Даути, изнесува 4 денари по литар за овчо и козјо млеко, и 3,5 денари по литар за кравјо млеко. Рокот за поднесување на барањата е до 5- ти ноември 2018 година. Барањата се поднесуваат по електронски пат во подрачната единица.
МИА