Со блокада на патиштата, на работата на каменоломите и со најава за бојкот на наставата во локалното училиште од нарелдната недела, се заканија жителите на струшкото село Лабуништа. Бараат државата, како што велат, да опстои на зборот за затворање на сите каменоломи кои се во непосредна близина на нивните куќи. Министерот за економија, Крешник Бектеши при посетата на Лабуништа на почетокот на август им ветил решавање на проблемoт и нивно затворање во рок од 30 дена. Но, велат дека се случува сосема спротивното, пишува Алсат.
„Чекавме 30 дена, чекавме плус 15 дена, но до денес немаме никаков одговор. До сега одевме со мирни протести, но од сега би ве замолил да бидат порадикални. Мораме оваа ситуација сами да си ја решаваме, бидејќи од владата на Заев нема ништо. Уште полошо ќе биде што се планира од наредната недела нашите деца да не ги пуштаме на училиште и во средно образование“; рече Алим Салоски, претседател на еколошко друштво Натуралаб.
„Истите каменоломи последните два месеци ја имаат интензивирано нивната работа. Не како што имаат работено порано туку дупло повеќе“, вели жител на Лабуништа.
Жителите се сомневаат декa прашината која секојдневно ја дишат од каменоломитe е причина и за зголемениот број на заболени од малигни заболувања и од болести на респираторните патишта. Велат дека каменоломите не само што го загадуваат воздухот туку и полето на кое произведувале храна. Целото е бело од прашина, а многу од куќите на крајот на селото биле испукани од бројните минирања поради вадењето камен.
„Што ќе правиме вака не знам. Ние сме многу загадени и со каменоломите и со ѓубрето. Никој не се доаѓа. Никој не прашува ништо. Само за гласање кога ќе дојди, доаѓаат тука. Само гласови ги интересира“…
„Сите тие се инсталирани на 200 – 300 метри околу населбата. И тоа навистина претставува проблем. Вие сами можете да видите во каква состојба е и патот од тие каменоломи, Прашини се прават од невидени размери“, реагираат жители на Лабуништа.
Од Министерството за економија, на прашањето до каде е постапката за одземање на концесиите за работа, одговор до овој момент не добивме.
Oд партијата ДОМ, велат дека доколку институциите продолжат да се оглушуваат, ќе поднесат кривични пријави за загрозување на човековото здравје против одговорните лица во нив. Во Лабуништа живеат повеќе од 9.000 жители.
ИЗВОР: АЛСАТМ