Зошто до сега не се исплатени 90 милиони денари достасани долгови до двата приватни превозници и кога овие пари ќе се исплатат, го праша советникот од ВМРО-ДПМНЕ Стефан Андоновски на денешната седница за поставување на советнички прашања директорот на ЈСП Скопје откако поради неисплатен долг од страна на јавното претпријатие кон приватните превозници ситуацијата резултираше со блокирање на скопските улици.
Андоновски додаде дека според информациите со кои располагаат фактурите кои се доставени од приватниците превозници до јавното сообраќајно претпријатие Скопје не се спорни и со само тоа доколку приватните превозни го тужат ЈСП тогаш долгот кој во моментот како што рече е најголем во историјата достигнува скоро 2 милиони евра, ќе треба претпријатието да плати и пенали и судска казна.
Овие две прашања ги поставувам затоа што ме интересира кога ќе се реши проблемот, а проблемот се состои од три дела. Првиот дел, фактурите кои што приватните превозници ги имаат кон ЈСП не се спорни, спрема нив не е изјавен никаков негативен коментар, не е изјавена никаква забелешка. ЈСП ги прифатило врз основа на своите извештаи и извештаите на мониторинг центарот на Град Скопје и како такви тие се водат како долг на ЈСП кон овие превозници. Сумата наскоро достасува до 2 милиони евра. Доколку овие приватни превозници го тужат ЈСП тука ќе дојде да плаче директорот на ЈСП следната година дека му требаат субвенции за потешкотии во работењето зошто нема да може да го отплати ниту главниот долг ниту пак долгот по судската одлука, бидејќи повторно ќе кажам фактурите не се спорни, рече тој.
Андоновски ја искоментира изјавата на градоначалничката Арсовска која кажа дека приватните превозни не пријавиле продажба на билети, а парите завршувале во нечиј џеб, потенцирајќи дека чим Арсовска не поднела кривична пријава очигледно е дека фактурите на приватните превозници се веродостојни.
Ако биле спорни фактурите после онаа прес конференција на градоначалничката очекував да си поднесе кривична пријава во МВР и договорниот однос кој што го објасни помеѓу ЈСП и приватните превозници да си го решава и пред граѓанскиот суд, да рече мене овие приватни превозници ме лажат, продаваат карти, во исто време ми ги бараат мене парите, јас фактурите не ги признавам и поради тоа си поднесувам тужба пред надлежниот граѓански суд. Но, тоа не се случи, фактурите се очигледно неспорни според нашите информации, и мене ме интересира дали ќе треба и пенали да плаќаме следната година. Затоа што договорниот однос помеѓу ЈСП и приватните превозници нас како совет не не интересира, ама парите кои ќе се побараат од Советот, од граѓаните од буџетот многу ме интересира дали ќе бидат само за потешкотии во работењето само да исплатат плати или ќе бидат и за судски казни и пенали кои што сигурно ќе достасаат затоа што ќе си поднесат луѓето тужба, изјави Андоновски.
Андоновски потенцираше дека има целосна блокада на системот и мора да се изнајде соодветно решение, укажувајќи дека граѓаните чекаат и по неколку часа автобус, како и дека има шпекулации дека се тераат вработените од ЈСП да работат и по две смени за да ги покријат линиите и на приватните превозници.
Второ, кое што произлегува и зошто овој договор нас треба да не интересира е бидејќи оваа сума која што се должи е двојно повисоко од било кога ЈСП му должела на некој приватен превозник. Значи и досега постоеле долгови и тие се решавале тековно и сега прв пат сумата достасува 2 милиони евра и таа е за прв пат волку голема во историјата на соработката помеѓу градот и било кој превозник во било каква форма, нагласи Андоновски.
И третото кое што е најважно, во Скопје не постои правилен јавен автобуски превоз. Во моментот граѓаните чекаат по час, час и половина на најавен автобус кој што треба да стигне за 5 минути. Во Скопје во моментот линиите кои што беа покривани од приватни превозници со три, четири или пет автобуси сега се покриваат само со еден. Има шпекулации и новинарски извештаи дека се тераат вработени да работат и под две семени од ЈСП ги покријат овие линии на било каков начин. Но, очигледно е дека не ги покриваат доволно добро, едно заради бројката на автобуси, и второ заради тоа што имаме блокада на системот, дециден е Андоновски.