Трет ден молк од Зоран Глигоров за фрапирачките сознанија за вршење на семејно насилство. Дополнително, бараме од институциите конечно да покажат дека може да се обезбеди функционирање на секој сегмент на правната држава, особено кога се во прашање наводите за сторени насилни дејанија од страна на именувани функционери, рече на денешната прес-конференција советникот во Советот на Град Скопје, Емилија Ангелова.
Институциите се одговорни постојано да се борат против и да се обидуваат трајно да ги искоренат овие појави од општеството. Наместо тоа, Зоран Глигоров се уште е на позиција секретар на Град Скопје. Имено, насилство врз жените се разбира како кршење на човековите права и форма на дискриминација врз жените и ги означува сите акти на родово засновано насилство коишто доведуваат или веројатно ќе доведат до физичка, психичка или економска повреда. Зоран Глигоров е должен да одговори дали се вистинити наводите дека во два наврати, еднаш во 2007-мата и еднаш во 2017-та година бил пријавен за нанесување на телесни повреди при вршење на семејно насилство преку повеќе удари и изненаден напад? Исто така, Глигоров е должен да одговори дали се вистинити наводите дека како секретар на Град Скопје физички и вербално се пресметувал со лице вработено во Градот Скопје? Праша Ангелова.
Поради стравување од можно повторување на ваквите насилни дејствија бараме Зоран Глигоров веднаш да поднесе оставка од позицијата секретар на Град Скопје. Во непресметливи состојби и карактерни особини кај лица кои се поврзани со секаков вид на насилство постои голема веројатност насилството дополнително да ескалира. Бараме институциите да даваат највисок приоритет на пријавите на семејно насилство и да ги преземаат сите мерки за заштита на жртвите. Очекуваме и од градоначалничката на Град Скопје да реагира, да ги провери состојбите кои се пласирани во јавноста и за истото да информира дали и како ќе постапи односно дали ќе го разреши или не Глигоров од именуваната позиција, додаде таа.