сабота, 2. декември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Ангелова: Со поддршка на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Градот ќе реконструира улици во Ченто и Гази Баба

Ангелова: Со поддршка на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Градот ќе реконструира улици во Ченто и Гази Баба

„Врз основа на надлежностите на Советот на Град Скопје, донесувањето на оваа одлука за воспоставување на меѓуопштинска соработка за остварување на заеднички интереси и заеднички работи од надлежност на општините е од многу големо значење. Имено, улицата „Кристофер Жефаровиќ“ се наоѓа во населба Ченто, општина Гази Баба, повеќе од три години истата оваа улица е целосно раскопана и граѓаните се дават во кал и прашина. И за реализација на овој проект, реконструкција на улицата „Кристофер Жефаровиќ“ во општина Гази Баба потребни се 7 милиони 800 илјади денари со вклучен ДДВ и се обезбедени од Буџетот на Град Скопје за 2022 година“, истакна советничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова по предлог одлука за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Гази Баба за реконструкција на „Кристофер Жефаровиќ“.

Ангелова додаде дека Општината Гази Баба во остварување на соработката со Град Скопје ќе учествува со средства во висина 500.000 денари со вклучен ДДВ и се обезбедени со Буџетот на Општина Гази Баба за 2022 година, како и со изработка на техничка документација и решавање на можните имотно правни односи.

„Работите, имено ќе ги изведува јавно претпријатие „Улици и патишта“ за што Градот Скопје ќе склучи договор за реализација на работите“, појасни советничката.

„Сметам дека месното население во Гази Баба односно населба Ченто има право на основни услови за живеење во 21 век. И затоа ќе продолжиме посветено да работиме за изградба на соодветна инфраструктура за потребите на граѓаните“, нагласи Ангелова.