вторник, 12. март 2024. Вести денес: 0
home Скопје

Арсовска: Да се консолидираат финансиите во ЈСП за подобар градски превоз

Арсовска: Да се консолидираат финансиите во ЈСП за подобар градски превоз

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска во гостувањето во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21 истакна дека секој чекор кон подобрување на јавниот градскиот превоз е нешто што е значајно за граѓаните.

„На барање на граѓаните, вратени се ноќните линии и направена е одредена измена на возниот ред. Верувам дека со тоа им овозможивме на оние граѓани на кои им беше тоа значајно, за полесно да можат да го менуваат секојдневието. Отпочнато е со ревидирање на работењето на ЈСП во изминатите години, бидејќи тоа претпријатие со години наназад е загубар и претежно е финансиски зависно од дотациите кои ги добива од градот Скопје. Нареден чекор што треба да се направи е да се консолидираат финансиите и според кажувањето на директорот на ЈСП, претпријатието од корисниците на услугите генерира приходи само околу 200.000 денари дневно, што е апсолутно минимална сума на средства.

Градоначалничката на Скопје најави дека градот ќе продолжи со праксата на дотации во буџетот на ЈСП.

„Ќе пристапиме кон реализација на она што сме го замислиле и кон етапно овозможување на бесплатен јавен превоз за скопјани. Најпрвин е неопходно да се оптимизираат возните редови, да се обезбедат квалитетни автобуси за граѓаните, потребни се еколошки автобуси со минимум емисии во воздухот. Со оптимизација на овие процеси и со исполнувањето на сето она што ни е ставено во програмата ќе ја постигнеме трајната цел“.

Во поглед на нападите од политичките опоненти во однос на воведувањето на бесплатен јавен превоз, Данела Арсовска е оптимист за реализација на зацртаните цели.
„Во овој момент верувам дека нема личност која е понапаѓана од мене во Македонија и има денови кога се чувствувам дека сум единствен градоначалник. И покрај сите напади и манипулации во јавноста од моите политички противници, она што ќе се случува во градот Скопје во следниот период ќе се покаже како нешто што е крајно функционално, кое што е квалитетно и кое е многу подобро од она што му се случувало на Скопје во изминатите години. Оној кој губи има право да се лути, меѓутоа овие напади на моменти стануваа и дегутантни“, смета Арсовска.