Во Скопје вечер ќе се одржува 14-тата манифестација „Бела ноќ“. Во рамки на програмата на повеќе локации ќе се одржат изложби, детски работилници, концерти, театарски претстави, инсталации, кино проекции, поетски читања…
Официјалното отворање на годинашната „Бела ноќ“ е на скверот „Јадран“ во 20 часот, со настап на Градскиот дувачки оркестар. Покровител на манифестацијата „Бела ноќ“ е Град Скопје, а технички и програмски организатор е Младинскиот културен центар – Скопје. Вклучени сите институции од културата во главниот град.
Според МКЦ, „Бела ноќ“ е најголемата градска културна манифестација. Годинава акцентот е ставен на домашните уметници и на домашните организатори на културни настани со цел да се збогати културната понуда на Скопје и да се покаже дека „Бела ноќ“ не е само вечер во која кафулињата работат со неограничено работно време.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов смета дека „Бела ноќ“ е синоним за масовна посветеност и исполнетост со публика.
Програмата на „Бела ноќ“ првпат ќе биде збогатена и со меѓународен фестивал на светлосна уметност „Skopje light art district“, што ќе се одржува од шести до деветти октомври. На граѓаните ќе им се овозможи уникатно доживување исполнето со светлост и многу бои. Фестивалот е резултат на меѓународната соработка на Град Скопје со градот Лион во рамки на проектот „Хоризонт 2020“.
Отворањето на „Skopje light art district“ се поклопува со отворањето на „Бела ноќ“ и ќе се случи пред зградата „Дом Ибни Пајко“, на самиот влез на Старата скопска чаршија. Мотото на фестивалот е „Следи ја патеката“. На фестивалот ќе настапат вкупно 16 артисти со исто толку различни дела. Фестивалот ќе заврши во Музејот на современа уметност во 23 часот со интерактивен аудио визуелен перформанс.
Целосната програма може да се погледне на следниот линк: http://belanok.mk/
За време на одржувањето на „Бела ноќ“ организирано е бесплатно возењето во градските автобуси на ЈСП „Скопје“ кои сообраќаат кон централното градско подрачје, од 19 часот се до раните утрински часови.