Снежана Билко, самостоен активист за права на бездомните кучиња на денешната панел дискусија ,,Законска регулација на урбано чување на миленици, нужност и потреба” зборуваше за ситуацијата со уличните, бездомните кучиња во Скопје каде јасно потенцираше дека ваквата ситуација е крајно алармантна.
-Ситуација е алармантна, многу е трагична во Скопје. Во Скопје има безброј улични кучиња, во секоја населба. Неодамна се преселив во нова населба и можам да направам споредба со старата каде што живеев, и ситуацијата е иста многу има бездомни животни. Гледам постои Лајка, гледам, следам што се случува, дали нешто се решава, но гледам дека нема никакво одење напред, гледам дека нема решение и гледам дека само се множат, така што цело Скопје ни е преплавено. Јас истото мислење го имам за сите градови низ Македонија, но еве за Скопје ќе се задржам, преплавено ни е Скопје од бездомни кучиња, рече таа.
Билко во текот на своето обраќање се осврна и на убиствата на овие бездомни кучиња.
-За жал сведоци сме наназад, јас одам на сите можни протести на се што ќе стигнам, се уклучувам и во живо на мојот фб профил, секогаш говорам за труењата, за убиствата. Денеска случајно или не, ми излезе на меморис поточно сеќавање пред 3 години се случило убиство во Виница, убиство на неколку кучиња, и сметам дека свеста на народот е на премногу, премногу ниско ниво. И народот се доведува до една фаза каде што сам сака да се справи со бездомните кучиња, го зема решението во свои раце, кажа Билко.
Таа во врска со проблемот со бездомните кучиња посочи дека потребно е овие кучиња да се тргнат од улица и на хуман начин да се изнајде решение за нив.
-Јас сум голем љубител на кучиња, вдомив 3 кучиња од улица, јас лично сум била во ситуација, каде што не сум била нападната, но ете не бркале уличните кучиња дали дека сум била со моите кучиња, не знам и не било воопшто пријатно. И ние сакаме да се тргнат тие кучиња од улица, но на хуман третман, на хуман начин да се најде решение, вели Билко.
Во врска со Лајка која треба да води грижа за бездомните кучиња укажа дека Лајка воопшто не прави ништо за да се надмине овој проблем.
-Јас бев првата која што се прерадував кога се отвори Лајка, бев многу радосна и среќна и видов дека не се наоѓа никакво решение. Јас тоа го замислував дека кога ќе се отвори Лајка дека веќе нема да имаме бездомни кучиња, ама сфатив дека сум била во заблуда. Значи апсолутно не се решава така проблемот залови, кастрирај, стелизирај, врати на место. Што правиме со тоа? Ништо. Кучето е повторно на улица, повторно ќе дојде некое друго, повторно ќе се појават кучиња кои не се стерилизирани, се размножуваат и така секојдневно, заклучи таа.
Билко во врска со овој проблем со бездомните кучиња предложи решение каде секоја општина треба да има прифатилишта за тие кучиња и општината ќе треба да одвои буџет за да може овие кучиња да се одгледуваат.
-Јас сметам дека мора да се изнајде трајно решение, системско. Јас лично тоа го имам како предлог замислено да секоја општина си направи стационари-прифатилишта каде што тие бездомни улични кучиња ќе бидат сместени, ќе си имаат хуман третман, ќе си бидат нахранети, уредно чувани, да се прават огласи и да се вдомуваат тие кучиња. Другите кои ќе останат да се одвои буџет и со тој буџет да може да се одгледуваат т.е ќе се грижат тие стационари за ти кучиња кои се внатре. Тоа е некој буџет кој секоја општина мора да го одвои и да каже ова е за бездомните улични кучиња и сите ќе бидат среќни и граѓаните слободно ќе шетаат, додаде Билко.