Речиси четири години градоначалник на општина Аеродром е Златко Марин од СДСМ. Дури ни матичната партија не му даде уште една шанса да трча изборна трка, свесна за неуспешниот мандат кој наскоро му завршува.
Но, за неговата неработа најдобро знаат граѓаните од оваа општина, посебно во населбите кои целосно беа заборавени и добија НУЛА инвестиции и НУЛА внимание.
КУРИР веќе пишуваше за состојбата во која се наоѓа населбата Лисиче чиј трговски центар не е безбедна локација за деца.
Децата бараат свое катче каде ќе го поминат слободното време, сакаат лулашки и клупи, но тука можат само да видат руинирани места и да бидат повредени или да паднат во дупка.
Во трговскиот во нивната населба, тие ќе најдат само дупки, скршени објекти, многу ѓубре… Тука можат да се повредат на секој чекор.
Како што веќе пишувавме, населбата Лисиче беше целосно заборавена од СДСМ откако во нивни раце е локалната власт во општина Аеродром. Во населбата во која нема детско катче, полна е со ѓубре, има дупки, рушевини… сега после четири години прв пат дојдоа машини нешто да сработат. И почнаа да копаат.
Со денови околу трговскиот центар се раскопуваат тротоарите за, претпоставуваме да биде ставена некоја нова подлога од бекатон плочки.
Не собраа сили да обноват асфалт барем на една маалска уличка, туку токму ваму, среде населба кај трговскиот, почнаа да копаат за да видат граѓаните дека нешто се работи.
Лисичани се револтирани. Овој потег го сметаат за потценување на нивната интелигенција и обид за манипулација.
-Повеќе од една недела само копаат баш во делот кај трговскиот, каде што поминуваме до амбуланта и до градинка. Па зарем мисли Марин дека ние сме глупави и прости? Да не треба да му кажеме фала за големиот проект, во наводници? Ова е срамота! Сега нешто ќе ископаат, ќе исперат некој денар и мислат дека сме ние ниско интелигентни и дека пак ќе ги гласаме? Тоа нема да се случи, истакна жена која живее во оваа населба.
КУРИР побара одговор и од други граѓани на населба Лисиче.
-Ништо не направија, еден денар не вложија во Лисиче. Јас во четири години само неколку паркови во другите населби гледам дека направија. Кај нас ништо. А, да не излажам, не е дека ништо не направија. Ни донесоа елка за Нова година. Да ни свети среде заборавената населба. Да не беше тажно, ќе се изнасмеев, вели друга лисичанка.
-Нека си копаат дома, овде само хаос ни направија. Па тука нема место ни еден тротоар убав да направат. Четири години очи не му видовме, сега тројца работници и една машина пратил. Срамота е, вели еден маж кој живее во близина на трговскиот центар.
Ветувањата на Зоран Заев, Петре Шилегов и Златко Марин дадени пред лисичани за време на изборната кампања пред четири години се покажаа како невистинити. Населбата нема училиште, нема семафори, нема корпи за отпадоци и клупи, нема добро асфалтирани улици, градинките се со лоши услови… А лисичани добија ископана улица пред избори.