Кампања за потсетување на возачите на законската обврска за промена на летните со зимски пневматиците „Фати ја зимата навреме“ ќе спроведе денеска на територијата на Општина Аеродром Одделението за превенција при СВР – Скопје во соработка со општествено одговорни компании.
– Сакаме да им посветиме внимание на сите учесници во сообраќајот со што ќе укажеме на потребата да се едуцираат и ќе ја потенцираме важноста за промена на пневматикот во соодветен период од годината. Службениците на секој возач ќе му подарат промотивен материјал со едукативни пораки, информираат од СВР Скопје.
Кампањата ќе започне од пред Капитот Мол со почеток во 12.00 часот и ќе се одвива на прометни раскрсници каде полициските службеници ќе апелираат до возачите во однос на законската обврска за промена на пневматиците согласно законскиот рок.
Согласнос со член 361 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, моторните возила и мобилните машини, кога учествуваат во сообраќај на пат, во периодот од 15 ноември до 15 март, задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема.
Под зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса што не надминува 3.500 килограми се подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од четири милиметри или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази минимум од четири милиметри и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.