Примена на хумани методи за бездомните животни и изнаоѓање на трајно решение на проблемот со обезбедување дом за секое животно се дел од барањата што повеќе здруженија за заштита на животните ги упатија денеска на протестен марш во Скопје.
Протестниот марш под мотото „Сонувам за хумано утре“ граѓаните заедно со своите миленици го започнаа пред Собрание од каде заминаа до Владата и Град Скопје. Според здруженијата, постои инстутиционална краткогледост и осуда на „Залови-стерилизирај-врати“, програма која велат дека никогаш не била спроведена квалитетно и во целост.
„Животните се наши пријатели“, „Вардаршите во рацете не активистите“, „Шепата не може да врти 192“, „Правда за животните“, „Казни за напуштени животни“ се дел од паролите со кои повеќе граѓани со нивните миленици излегоа во знак на револт кон третманот на бездомните животни.
Според Радмила Пешева од „Анима Мунди“ зад протестот стојат повеќе организации и има за цел да го покаже револтот кон третманот на бездомните животни и не се однесува само на Скопје, туку и до сите градоначалници во државата.
Од здруженијата посочуваат дека бездомните животни во Македонија би се ставиле под контрола во период од само неколку години, но исклучиво ако во секој град/општина стационарите се под раководство на активисти за заштита на животни, со задржано финансирање од градот/општината. Исто така контрола би имало ако се комплетира Регистарот на сопственици на миленици и Правилникот за одгледувачници.
Поддршка на протестниот марш против нехуманиот третман на бездомните животни дадоа и поголем број јавни личности.