Граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“, апелира итно да се прекине со изградба на гасоводот низ Водно, наведувајќи во соопштението неколку причини:
Загрозување на животот на работниците – Се работи на исклучително тежок терен со наклони од 63% во должина од 107 метри, од 71% во должина од 163 метри, итн. Работниците треба да ги носат багерите во амбис, зошто така оди трасата на гасоводот. Неколку дрвја се гледаат напред и после тоа пука видик, зошто дрвјата се удолу. Треба да го ризикуваат својот живот за да се продолжи лудилово – по секоја цена гасовод низ Водно.
Игнорирање на мерки за заштита од ерозија – Мерките за заштита од ерозија не се применуваат, а се потребни на сите наклони на трасата поголеми од 20%, во парк-шумата Водно препорачано е да се имплементираат низ целата делница. Мерките не се применуваат, зошто постапката за јавна набавка за избор на фирма која ќе ги спроведе не е завршена.
Симптоматичното обновување на решението за сеча од градоначалникот Шилегов – Решението за сеча на Град Скопје, истото она што истече пред повеќе од месец дена, е бесправно издадено, бидејќи е издадено за реализација на правосилно одобрение за градење, но проектираната траса не е користена за да се пресмета проценката за штета и висината на средствата од МЕР исплатени на Град Скопје, што е предуслов за да се издаде Решението.
Студијата на ОВЖС е можен фалсификат – Дека целиов процес е правна дупка до дупка, потврдува и студијата за ОВЖС која оценува како ќе влијае проектот врз животната средина, при што еден од професорите потпишан како соработник сам, јавно се иззема, изјавувајќи дека прв пат слуша дека бил дел од изработката на ваков проект. Директорката на фирмата Технолаб, која стои зад изработката на студијата потврди пред сите, пред Реџепи, Макрадули, Шилегов, пред член од инспекцискиот совет, пред професорот од шумарски Иван Блинков и редица други, дека е во прашање ПЕЧАТНА грешка каде што стои името на професорот Мицевски како соработник. Печатна грешка после 7 години од печатење на студијата?! Лажирано име на соработник = печатна грешка? И оваа студија е валидна и врз основа на неа се спроведува проектот?! И сите глумат дека не е страшно што имаат потенцијален фалсификат во рацете.
Немање дозвола од Министерството за одбрана за градба во непосредна близина на бункери и загрозување на јавната безбедност – Дали АРМ и Министерството за одбрана дале мислење за трасата на гасоводот да оди покрај бункерите? Кој од таму се сложил дека трасата може да оди ПРЕКУ едниот бункер, во оригиналната траса, а сега кај изменетата да оди покрај? Главната противвоздушна одбрана на Скопје е сместена тука, па логично е прашањето дали планирате нови бункери?
Законите за Водно и Матка не се донесени, заклучоците на Владата од 22.08.2018 стојат неизвршени – Ги усвоивте предлозите на МЕР и станаа Владини заклучоци, според кои пред повеќе од месец дена Министерството за животна средина требаше да подготви предлог закон за Водно, за Матка, и за парк шумата Гази Баба, за која тогаш, меѓудругото, никој од вашите служби, не ви кажа дека има веќе донесен закон. Премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев ветија десеткратно пошумување. Дали Град Скопје донесе програма за рекултивација и пошумување? Ветувања многу, реализација нема.
Од сите заклучоци од Владата пред два месеци, само еден се испочитува и тоа веднаш. МЕР да продолжи со изградба на гасоводот низ парк-шумата Водно.
На вас е да го сопрете ова лудило, пред да биде предоцна“, се вели во соопштението од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“.