Податоците на дел од скопските општини покажуваат дека граѓаните ја искористиле и последната можност за да побараат легализација. Во Општина Ѓорче Петров во последниот рок, од почетокот на јануари до крајот на декември лани, се доставени 644 барања за легализација, а од старт на целиот процес 12.161. Сите барања поднесени од 2016, 2017 и 2018 година што се во фаза на решавање или решени, се со доставени изјави заверени на нотар дека објектот е изграден пред да стапи во сила Законот за легализација на бесправно изградени објекти март 2011 година, наведуваат од Општина Ѓорче Петров.
Оттаму сметаат дека последните законски измени и продолжениот рок не ја оправдале целта, бидејќи, како што изјавија, голем број од барањата се однесуваат на објекти кои се изградени по 2011 година.
– Потребни се законски измени во делот на сопственоста на земјиштето, каде што има повеќе сопственици од кои не може да се добие согласност за легализација на објектот на соодветен барател, велат за МИА од Општина Ѓорче Петров. Одделението за инспекциски работи во таа општина изминатата година евидентирало 19 дивоградби, од кои над 50 проценти се отстранети.
Општина Кисела Вода, пак, досега примила 14.954 барања за легализација на дивоградби, а во последниот дополнителен рок во тек на изминатата година 1.099. Од нив, 891 го запазиле рокот и доставиле геодетски елаборат за утврдување на правен статус на бесправни објекти. Од вкупниот број поднесени барања 1.083 се без доставен геодетски елаборат за утврдување на фактичка состојба на бесправно изграден објект. Досега се легализирани 8.272 дивоградби. И во таа општина лани се евидентирани нови дивоградби, но, како што велат оттаму, значително помалку во споредба со претходниот период. За регистрираните нелегално изградени објекти се води постапка за отстранување. Дел од сторителите кои го прекршиле законот сами ги отстраниле нелегално изградените објекти, за останатите постапката е во тек.
На територијата на општина Гази Баба, од 2011 година до крај на минатата година, се решени 12.233 предмети за бесправно изградени објекти, а вкупно досега на адреса на општината пристигнале 19.720 барања. Заклучно со крајот на минатата година се поднесени нови 1410 барања. Легализација е побарана за вкупно 19.720 објекти, а 12.233 предмети се веќе решени. Граѓаните на општина Гази Баба уредно го запазиле рокот и сите барања се дополнети со геодетски елаборати.
– Во општина Гази Баба се практикува сите граѓани да поднесат изјави на нотар дека објектот што е предметот на легализација бил изграден пред 2011 година, со приложени платени сметки за вода или струја пред 2011 година. Во врска со вашето прашање дали законските измени ја оправдаа целта, сметаме дека со новите измени и дополнувања на законот, им се излезе во пресрет на граѓаните и им се дава нова можност за легализација на дивоградбите, со што се решава едно значајно прашање за жителите кои не го имаат решено ова прашање, велат од општина Гази Баба и информираат дека општинскиот Инспекторат ја следи состојбата на терен со дивоградбите и оти се постапува законски по секоја незаконска изградба.
Над 1.000 нови барања за легализација лани имало и во Штип, чија општинска администрација досега позитивно одговорила на 8.362 од вкупно поднесените 13.106 барања.
Последните статистички податоци покажуваат дека во 2017 година се регистрирани 762 бесправно изградени објекти, што претставува намалување во однос на 2016. кога пак имало 1.037. Во дивоградбите и натаму доминираат објекти за домување, доградбите, надградбите и адаптациите, по кои се рангирани деловните објекти и гаражите.