За прв пат Општина Бутел доделува ваков вид на стипенди. Општина Бутел е најспортската општина во Република Македонија. Тоа е неколку пати докажано со врвни спортски достигнувања, истакна градоначалникот Дарко Костовски.
Во продолжение следува неговата објава:
Денес се распишува јавен повик кој ќе трае 8 дена за доделување на спортски стипендии на спортисти на Општина Бутел.
Општина Бутел ќе додели четири категории на стипендии и тоа:
- Стипендија од прва категорија во висина од 12.000 денари месечно во траење од една година
- Стипендија од втора категорија во висина од 8.000 денари месечно во траење од една година
- Стипендија од трета категорија во висина од 5.000 денари месечно во траење од една година
- Стипендија од четврта категорија во висина од 24.000 денари која ќе се исплати еднократно
Апликациите со потребните документи, заинтересираните кандидати треба да ги достават во архивата на Општина Бутел со назнака “Повик за доделување на спортски стипендии”.
Критериумите и условите за стекнување со стипендијата се детално и прецизно објаснети во правилникот и јавниот повик.
За транспарентноста на овој повик ќе се погрижи комисија составена од општинската администрација, согласно правилникот за доделување на стипендии врвен критериум ќе бидат постигнатите спортски резултати.
Ова е уште еден чекор кон поддршка на спортистите и нашите надежи.
Спортски поздрав – напиша градоначалникот.