Двата коња кои вчера угинаа во скопската Зоолошка градина се од видот Пржевалскиев коњ, што важи за многу ретка и скапа раса која што потекнува од Монголија.
Коњите во скопската Зоолошка градина биле донесени од Национален парк од Австрија, а до неодамна важеле за изумрен вид во дивината и нивната вредност е голема.
Скопје ги загуби. МВР претходно денес ја објави жалната вест дека два од овие коњи угинале.
Смртта на животните во полицијата ја пријавил вработен во ЗОО Скопје, кој се сомневал дека биле отруени. Сепак, се’ уште нема официјална потврда за причините за смртта, а ќе биде познато по обукцијата на животните.
Неофицијално, денес угинал уште еден коњ, дознава „Макфакс“.
Од МВР велат дека се работи на расчистување на случајот.