Заедницата на единиците на локалната самоуправа денеска ќе одржи конститутивната седница на Генералното собрание, на која ќе бидат избрани членовите на Управниот одбор, Комитетот на региони и Надзорниот одбор на ЗЕЛС.
Конститутивната седница ќе се одржи во 11 часот.
На оваа седница ќе бидат избрани и членовите на останатите органи на ЗЕЛС: Управниот одбор, Комитетот на региони и Надзорниот одбор. По изборот на претседателство на Управниот одбор на ЗЕЛС, на седницата на Генералното собрание ќе се обрати и новиот претседател на ЗЕЛС, а потоа ќе бидат разгледани и одредени значајни финансиски и програмски документи од работењето на Заедницата.
Генералното собрание на ЗЕЛС го сочинуваат вкупно 90 делегати. Градоначалниците на единиците на локалната самоуправа (вкупно 81 градоначалник) по функција се делегати на Генералното собрание, а претседателите на општинските совети се нивни заменици. Во состав на Генерално собрание се и деветте членови на Комитетот на советите (претставници од општински совети). Генералното Собрание го избира и составот на Управниот одбор на ЗЕЛС што брои вкупно 22 члена, со мандат од четири години.
Како највисоко тело на ЗЕЛС, Генералното собрание донесува Статут, програми и други акти, усвојува годишна програма и извештај за работа на Заедницата, финансиски план, а од својот состав ги избира членовите на Управниот одбор, на Надзорниот одбор и на Комитетот на советите, а врши и други работи во согласност со Статутот и општите акти на Заедницата.