Општина Аеродром ќе добие нов парк од 5700 квадратни метри во Реонски Центар Аеродром, значаен придонес во неговата изведба и уредување ќе биде обезбеден од страна на Шведска, а ќе го спроведе канцеларијата на УНДП, информира градоначалникот Тимчо Муцунски.
„Денеска имав можност да се сретнам со шведската амбасадорка Кристин Форсгрен Бенгтсон, со која направивме прошетка низ нашата општина и обиколка на локацијата на која овој парк ќе биде поставен.
На амбасадорката ѝ ги презентирав некои од нашите врвни приоритети за развој на општината во наредниот период, меѓу кои највисоко место зазема и заложбата за чиста и здрава животна средина. Оваа заложба ја потврдуваме со тоа што предвидениот парк се наоѓа на локација на која до сега беа предвидени градежни маркици за изградба на станбени објекти, а со наша одлука беа пренаменети во парк кој ќе зафаќа површина од 5700м2“, посочи Муцунски.