Со импозантна бројка од 8.500 професионални и аматерски натпреварувачи од 47 држави, в недела ќе се одржи 18. издание на Виз Ер Скопски маратон, објавија денеска организаторите, апелирајќи до жителите на главниот град масовно да излезат на улиците и да им дадат силна поддршка на учесниците.
Скопскиот маратон традиционално е во организација на Сојузот на спортови на Град Скопје, а и оваа година се организира со поддршка со локалните власти, бројни спортски клубови и асоцијации, под покровителство на Град Скопје, Агенцијата за млади и спорт и Канцеларијата на Европската унија.
– Од првото издание во 2007 година кога стартувавме како полумаратонска трка со 770 учесници бројот на пријавени натпреварувачи секоја година расте и тоа ми претставува особено задоволство, изјави на денешната прес-конференција Гордана Кузмановска Николовска од Сојузот на спортови на Град Скопје.
– Морам да бидам искрена и да кажам дека бројката од 8.500 пријавени натпреварувачи за оваа година не ја очекувавме, Мислевме дека ќе дојдеме до бројката од 7.000, и поради тоа сум особено горда, посочи Кузмановска Николовска, додавајќи дека на Скопскиот маратон, и годинава покрај голем број аматерски тркачи, ќе настапат и елитни маратонци од земјата и странство.
Директорот на Скопскиот маратон Кире Синадиновски посочи дека, по пауза од две години поради пандемијата на Ковид-19, стартот и целта се враќаат на старата локација во центарот на Скопје.
Стартот на маратонот, полумаратонот, штафетната маратонска трка, како и трката на 5 километри ќе биде во 8 часот в недела од пред македонското Собрание, а целта на сите трки повторно ќе биде на Плоштадот „Македонија“.
Скопскиот маратон годинава ќе има измената рута која ќе се движи од центарот на Скопје, до населбата Хром, по што рутата се враќа назад до центарот на градот преку булеварите „Трета македонска бригада“, „Србија“ и „Јане Сандански“.
– Сакам да ги повикам сите граѓани на Скопје в недела да дојдат на стартот на Скопскиот маратон или да излезат на градските улици и да ги бодрат учесниците, бидејќи тоа е многу важно за нив, истакна Синадиновски, најавувајќи дека се предвидени награди за најдобар транспарент и најдобра фотографија од Виз Ер Скопскиот маратон.
Годинашното издание на Скопскиот маратон ќе биде посветено на основачот на манифестацијата Ѓорѓи Кузмановски, кој почина во понеделникот на 80-годишна возраст.
Манифестацијата е поддржана од голем број спонзори, а авиокомпанијата Виз Ер на сите учесници и оваа година ќе им додели ваучери во износ од 20 евра.
Издавањето на стартните пакети почна вчера и сите пријавени учесници ќе можат да ги подигнат и во текот на денешниот и утрешниот ден.