Денес на прес конференцијата во населеното место Кисела Јабука, Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски и директорот на ЈП Улици и патишта Скопје, Борис Настов, го најавија започнувањето на градежната офанзива во Скопје, во која прва фаза е предвидена реконструкцијата на над 20 општински улици во општината Ѓорче Петров.
Почнувајќи од денес во општината Ѓорче Петров започнува и скопската градежна офанзива со реконструирање на повеќе од 20 улици во оваа општина. Улици кои првпат се асфалтираат на барање на граѓаните да добијат улици и услови какви што заслужуваат. Град Скопје за изведба на овој проект одвојува 4 милиони денари, истакна Арсовска. Во оваа прва фаза ќе се пристапи кон реконструкција на улици во пет населени места во оваа општина, во село Волково, Кисела Јабука, Даме Груев, Ново Село и Стопански Двор, ќе се реконструира патна инфраструктура во должина од пет километри. Со оваа реконструкција ќе бидат опфатени улиците во село Волково и тоа улица 83, улица 100 десен крак, улица 3, 73, 74, 78, улица 80 Пржина, улица 81 крак 1, 2, 3 лево, улица 81 крак 4 десно. Во Кисела Јабука улиците 4, 6, краците на улицата 46 и 46а и улиците 68, 10 и 34. Улицата Антон Кецкаров во населено место Даме Груев, во Ново Село пред училиштето крак десно, крак лево и краците на улиците 4 и 2, како и улица 52 десен крак во населба Стопански Двор, истакна Арсовска.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски истакна дека оваа реконструкција е опфат на изградба на нова патна инфраструктура на општински улици во општината Ѓорче Петров, сето тоа во интерес на над 20 илјади жители кои живеат и гравитираат на овој дел од општината, каде повеќе од неколку децении не се реализирани барањата на граѓаните и изрази благодарност на Град Скопје за одвоените финансиски средства како и за добрата соработка со градоначалничката на Град Скопје.
Директорот на ЈП Улици и Патишта, Борис Настов на увидот истакна дека со од вчера е започнато да се работи на подготовка на асфалтирање на улиците во населбата Кисела Јабука со ископ на гребен асфалт, потоа со поставување на тампон слој и уште денеска ќе се пристапи кон асфалтирање со нова асфалтна маса. Вкупната површина на улиците кои ќе бидат асфалтирани е над 16.000 квадратни метри, со променлива широчина на улиците од 3 до 5 метри, со што ќе се подобрат условите на живеење на граѓаните кои живеат тука, а воедно ќе се влијае и на подобрување на безбедноста во сообраќајот, истакна Настов.