Советот на Општина Ѓорче Петров денеска го изгласал тригодишен развоен план за општината, а со ребаланс на Буџетот, обезбедени се дополнителни средства за изградба на спортски и детски игралишта, како и за реконструкција на улици и изградба на фекална канализација во руралниот дел.
На денешната седница, соопштија од локалната самоуправа, бил изгласан втор ребаланс на Буџетот на Општина Ѓорче Петров со што основниот буџет на општината се намалува за 12.402,278 денари.
-Општината обезбеди дополнителни средства за спортски и детски игралишта, изградба на улици, изградба на канализација во руралниот дел, нови сообраќајни знаци, партерно уредување и набавка на нова опрема за одржување на јавното зеленило. Дополнително, со ребалансот го решаваме и статусот на дел од работниците кои се ангажирани за јавната чистота, со што конечно ќе им бидат регулирани стажот и придонесите, се наведува во соопштението.
Советниците позитивно се изјасниле и по Планот за развојни програми на Општина Ѓорче Петров – 2024-2026 година. Со планот е предвидена изградба и реконструкција на сервисни и станбени улици, водоводни мрежи во руралното подрачје, фекална канализација и пречистителна станица во руралниот дел. Советот на Општина Ѓорче Петров првпат гласа развојни програми на седница.
Во оваа тригодишна развојна програма, се посочува во соопштението, се планирани и расходи за изградба и реконструкција на улици во урбаниот дел на општината во вкупен износ од 60.000.000,00 денари. Со овој проект, информираат од Општина Ѓорче Петров, ќе се обезбеди подобрување на патната инфраструктура во Општината и ќе се обезбеди зголемување на безбедноста во сообраќајот, намалување на метежот со што индиректно се влијае на намалување на аерозагадувањето.
-Со развојната програма за изградба на водоводни мрежи во рурално подрачје се предвидени расходи од 15.000.000 денари и со неа е предвидено да се доизградат сите преостанати водоводни краци во населените места во руралниот дел на општината кои што сеуште немаат пристап до вода за пиење. Со реализација на овој проект, ќе се реши горливиот проблем на жителите во руралниот дел на општината, но и ќе се овозможи забрзан развој на овие населени места, соопштија од Општината.
Со развојната програма за изградба на фекална канализација со пречистителна станица во рурален дел на општината, предвидени се расходи од 15.000.000 денари и со неа е предвидено да се доизградат сите преостанати краци на кои што не е поставена фекална канализација во населените места во руралниот дел на општината.
За предложените развојни потпрограми се предвидуваат средства во вкупен износ од 90.000.000,00 денари, средства од Буџетот на Општина Ѓорче Петров за периодот 2024-2026, односно 30.000.000,00 денари за 2024 година. (МИА)