петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Општина Аеродром се вклучува во кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“

Општина Аеродром се вклучува во кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“

Општина Аеродром со осумте основни училишта се вклучува во општествено-одговорната и едукативна кампања на „Макпетрол“, „Крени глас против врсничкото насилство“. Учениците, но и родителите, ќе добијат едукативен материјал преку кој што ќе можат подобро да се запознаат со проблемот со булингот и неговите различни форми, а во секое од училиштата ќе се одржи и работилница на темата. За успешна реализација на овие активности „Макпетрол“ и Општина Аеродром вчера потпишаа меморандум за соработка.

„На мое големо задоволство, вчера потпишавме меморандум за соработка со „Макпетрол“, со кој Општина Аеродром и сите 8 основни училишта на нашата територија се вклучуваат во кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“. Само со заеднички ангажман можеме да ги охрабриме и поттикнеме младите да бидат одговорни граѓаните, да промовираат емпатија, разбирање и поддршка, а училиштата да бидат место за дебата, а не насилство“, истакна градоначалникот Муцунски.

Ученици, наставници, како и претставници на стручните служби ќе учествуваат во работилници преку кои што ќе се споделат знаења и искуства кои што би можеле да ја подобрат ситуацијата и да придонесат во решавање на проблемот со врсничкото насилство. Работилниците ќе се одржат во „Лазо Ангеловски“, „Љубен Лапе“, „Александар Македонски“, „Блаже Конески“, „Браќа Миладиновци“, „Ѓорѓија Пулевски“, „Гоце Делчев“ и „Димитар Македонски“.

„Врсничкото насилство е проблем од огромни размери што може да предизвика последици за сегашните, но особено, за идните генерации. Целта на нашата кампања, како и на активностите што се дел од неа, како работилниците, е да ги пренесе ваквите знаења и искуства и тие да им дадат поддршка на тие на кои што им е најпотребна“, истакна Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“.