петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Општина Штип планира издигнати пешачки премини кај средното електро-машинско училиште „Коле Нехтенин“

Општина Штип планира издигнати пешачки премини кај средното електро-машинско училиште „Коле Нехтенин“

Издигнати пешачки премини кај средното општинско училиште (СОУ) „Коле Нехтенин“ во Штип е решение за да се намали брзината на движење на автомобилите, а со тоа да се зголеми и безбедноста за учениците.

Сања Мијалкова-Судиќлиева од Одделението за сообраќај во Општина Штип вели дека на оваа локација веќе има делумно зона за смирен сообраќај.

Во текот на изминатите два дена на булеварот „Гоце Делчев“ во Штип се случија две сообраќајни несреќи, од кои во едната потешко е повредена 16 годишна девојка, а пред пет години загина средношколец. Граѓани и родители на средношколците преку социјалните мрежи бараат побезбедни решенија за своите деца.

-Со оглед на тоа што училиштата се зона на смирен сообраќај. Во овој случај СОУ „Коле Нехтенин“ се наоѓа на магистрална улица односно булевар – овде зона на смирен сообраќај практично и да не можеме да направиме. Но, со одредени сообраќајни решенија делумно е постигната таа зона на смирен сообраќај. Но, после настанот кој се случи предвидуваме да се направат издигнати пешачки премини со што дополнително ќе се намали брзината на возилата кои излегуваат од кружниот тек и се упатуваат кон влезот на Штип, вели Мијалкова-Судиќлиева.

Средношколците велат дека внимаваат, но побараа да внимаваат и возачите. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов посочи дека конкретно пред ова училиште треба да се зголеми контролата на полициските службеници.

-Дополнително како Општина размислуваме за зголемување на безбедноста во сообраќајот и на други локации во градот, каде имаме нотирано небезбедност. Ќе истакнам неколку локации како на пример населбата Сењак, Старото нервно одделение и некои други локации, вели Јорданов.