недела, 10. март 2024. Вести денес: 0
home Скопје

Општината ќе одвои по 400.000 денари премија за ФК Македонија Ѓорче Петров 1932 и Ѓорче Петров – ЖРК

Општината ќе одвои по 400.000 денари премија за ФК Македонија Ѓорче Петров 1932 и Ѓорче Петров – ЖРК

Општина Ѓорче Петров во знак на благодарност и стимулација за клубовите ќе додели по 400.000 денари на ФК Македонија Ѓорче Петров 1932 и на ЖРК Ѓорче Петров.

ФК Македонија Ѓорче Петров 1932 и женскиот ракометен клуб Ѓорче Петров се овогодинешните најтрофејни спортски колективи во нашата општина, но и во Република Македонија.

ЖРК Ѓорче Петров по втор пат е освојувач на сениорската женска ракометна лига и со тоа ја одбрани минатогодишната титула првак на Македонија. Ѓорче Петров и во минатото беше синоним за ракомет и ракометни успеси, а овие девојки тоа го потврдуваат.

ФК Македонија Ѓорче Петров втора година по ред е освојувач на Купот на Република Македонија, со што покажува дека клубот сериозно работи и вложува во младинските категории, но и во првиот состав кој оваа година на пенали во финалето на Купот на Македонија ја совлада екипата на Струга Трим Лум.

Новитет во Општина Ѓорче Петров е јавниот повик за спортските клубови и поединци кој веќе е изработен и во најскоро време ќе биде објавен на веб страната на општината, каде што ќе можат да аплицираат сите спортски колективи, но и спортисти поединци, кои имаат потреба од финансиски средства, со цел постигнување високи спортски резултати.

Правилникот ќе има точно утврдени норми и успеси кои што ќе треба да бидат исполнети, за да може да се доделат финансиски средства за клубот или поединецот којшто ќе аплицира на овој повик.

-Општина Ѓорче Петров интензивно работи на издигнување и развој на спортот во општината, како и на стимулација на младите генерации да спортуваат и да прераснат во врвни спортисти. Во таа насока, овозможивме ФК Вардар и ФК Волково бесплатно да го користат фудбалскиот терен во Волково, додека пак младите категории на ФК Македонија Ѓорче Петров и ФК Њу Старс бесплатно ќе го користат фудбалскиот терен “Mлади лавови” во централното подрачје, велат од општината.