сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Попов: Ќе предложиме нов начин на закуп на спортски објекти, училиштата и установите сами ќе одлучуваат, и нема да зависат од бизнис интересите на Арсовска

Попов: Ќе предложиме нов начин на закуп на спортски објекти, училиштата и установите сами ќе одлучуваат, и нема да зависат од бизнис интересите на Арсовска

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата им излегува во пресрет на спортските клубови од градот Скопје, но и на културните друштва, невладините организации и стопанските субјекти, рече на денешната прес-конференција Сергеј Попов од ВМРО-ДПМНЕ.

-Нема да дозволиме сомнителните бизнис интереси на градоначалникот на Град Скопје да го кочат спортот, културата, уметноста. Веќе повеќе од една година сме сведоци дека имотот на градот е неискористен, спортските клубови протестираат, родителите на спортистите се незадоволни, уметниците се револтирани, а градот нема никаков слух. Сите процеси во градот се закочени. На барање на сите овие лица, на наредната седница на Советот во четврток, ќе предложиме нова Одлука за утврдување на условите и начинот на давање под закуп на недвижен имот во сопственост на Град Скопје. Со оваа одлука, ќе се вратат надлежностите на училиштата и установите од културата, сами да одлучуваат за издавањето на деловите од објекти за кои тие сметаат дека треба да бидат издадени или дадени на користење. Давањето под закуп ќе биде во согласност со Закон, но нема да се дозволи истото да биде закочено во лавиринтот на Град Скопје предводен од Данела Арсовска, истакна Попов.

Според предлог одлуката која ќе ја предложиме, времето на закупот во објектите каде лицата ќе вршат долгорочни инвестиции, ќе има можност да биде зголемено, со што ќе се даде шанса за целисходно и квалитетно искористување на имотот на градот во служба на спортот, уметноста, здравите навики, младите и уметниците, додаде тој.