Трет ден молк на неспособниот Шилегов за депонијата во Вардариште. И понатаму секојдневно оваа дива депонија се трупа со отпад, а од Шилегов ни трага ни глас. Вчера на лице место можевме да видиме како во Вардариште во екот на пандемија се носи отпад токму од Јавното комунално претпријатие кое е под надлежност на Град Скопје, а во депонијата можеше да се забележат луѓе кои собираат железо и друг отпаден материјал, изјави денеска Ирена Попова од ВМРО-ДПМНЕ.
во продолжение следува интегрален текст од изјава на Попова
Трет ден го повикуваме Шилегов да одговори како возилата на Комунална Хигиена оставаат смет сред Скопје на дива депонија? Додека Скопје се соочува со пандемија од Корона вирус, покрај новата депонија во Вардариште, вчера скопјани се соочија и со депонии низ цело Скопје. Службите на Комунална Хигиена работат само да истоваруваат смет во Вардариште во време на полициски час, а не работат за да го соберат сметот пред домовите на граѓаните.
Заради неспособноста Шилегов вчера цело Скопје стана депонија затоа што ѓубрето низ улиците не беше собрано, а низ цело Скопје се ширеше неподнослива миризба. Цената на неажурноста и неспособноста на Петре Шилегов и неговите директори ја плаќаат граѓаните на Град Скопје.
Го известил ли некој Шилегов дека согласно упатствата во овие купишта од смет се наоѓа и отпадот од лицата коишто се во домашен карантин? Очигледно е дека Шилегов од градот создава еколошка бомба.
Еколошката катастрофа кој овие денови го снајде Скопје, ВМРО-ДПМНЕ го повикува и Министерството за животна средина веднаш да реагира според законите и прописите. Надлежните институции треба веднаш кривично да го гонат градот Скопје кој ја создава оваа нова дива депонија и ги труе скопјани.
Време е Шилегов да престане со своите фотосесии, да ги засука ракавите и да почне да работи. Неговата неспособност е негов препознатлив белег. Скопје со неспособниот Шилегов целосно крахира.
Втората тема на која сакам да се осврнам е кој копа во Старата скопска чаршија за време на полициски час? Кој уништува споменик на културата и кој прави бизнис од сето ова? Додека народот седи затворен дома, на шверцерски начин менуваат калдрма. За сето ова Петре Шилегов треба да даде прецизен одговор.
Затрупувањето со смет и копањето на чаршијата покажува дека Скопје нема градоначалник за работа, туку градоначалник позер. Затоа Шилегов треба веднаш да си даде оставка и да го спаси Скопје и скопјани од својата акутна неспособност.